Македонскиот рапер Христијан Тасковски – Таско, на емотивен начин му оддаде почит на својот пријател Владимир Блажев – Панчо од „ДНК“, кој почина по долгата борба со повредите здобиени во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Таско на социјалните мрежи покажа дека го истетовирал ликот на Панчо на ногата, како траен спомен на нивното пријателство и меѓусебната почит.
Неговиот гест наиде на бројни позитивни реакции, а следбениците го оценија како искрен и достоинствен начин да го зачува споменот на музичарот.
Панчо почина по неколкумесечно лекување од повредите здобиени во пожарот што се случи на 16 март 2025 година во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Во трагедијата животот го загубија 63 лица, меѓу кои и неговиот долгогодишен музички партнер Андреја Ѓорѓиески – Андреј.
Панчо зад себе остави богато музичко наследство и ќе остане запаметен како еден од најпрепознатливите македонски музичари, чии песни и понатаму ќе живеат меѓу публиката.