НАТО-авиони за контрола на воздушниот простор денеска биле подигнати откако во близина на литванската граница бил откриен „радарски потпис“ со карактеристики типични за беспилотно летало, соопшти литванската армија.
Националниот центар за управување со кризи прогласил воздушна опасност за повеќе окрузи, меѓу кои и главниот град Вилнус, пренесува литванскиот портал „Делфи“.
„Воздушна тревога! Веднаш упатете се во засолниште или на безбедно место“, се наведува во итното соопштение.
Литванскиот претседател Гитанас Науседа и неговиот кабинет биле евакуирани во засолниште, потврдил портпаролот на претседателската канцеларија, Фредерикас Јансонс.
Истата процедура била применета и во литванскиот парламент, каде пратениците и вработените биле префрлени во подрумските простории на зградата.
Во засолниште била сместена и премиерката Инга Ругинене.
Властите во округот Игналина ги повикале учениците, наставниците и вработените во институциите веднаш да се засолнат и да чекаат понатамошни инструкции.
Издадено е жолто ниво на предупредување, што значи дека напад е можен, но сè уште не е во тек.
Дополнително, литванските власти соопштиле дека воздушниот простор над аеродромот во Вилнус и околината ќе биде затворен до понатамошно известување.
Армијата ги повика граѓаните веднаш да побараат засолниште или безбедно место.