Украина во текот на ноќта извела масовни напади со дронови врз неколку руски енергетски објекти, меѓу кои и нуклеарната електрана во Курск и нафтениот терминал во пристаништето Уст Луга во Ленинградската област, потврдија руските власти.
Во нападот врз нуклеарката во Курск, сместена недалеку од границата со Украина, бил оштетен помошен трансформатор, поради што оперативниот капацитет бил намален за 50 проценти. Според официјалните информации, нема повредени, пожарот бил брзо изгаснат, а нивото на радијација во електраната и околината е во дозволени граници.
Во исто време, на терминалот на компанијата „Новатек“ во Уст Луга изби голем пожар како последица од удар на украински дронови. Гувернерот на Ленинградската област, Александар Дрозденко, соопшти дека околу десет дронови биле соборени над пристаништето и дека пожарникарските екипи работат на локализација на пожарот. Според него, резервоарите со гориво не биле зафатени.
Министерството за одбрана на Русија објави дека во текот на ноќта уништиле вкупно 95 украински дронови во 13 региони, вклучувајќи ја Ленинградската област, Самара и Курск.
Нападите предизвикаа прекин на летови во повеќе аеродроми, меѓу кои и Пулково во Санкт Петербург, соопшти руската агенција за цивилна авијација. Украина, пак, потврди дека цел на нејзините напади биле и индустриски комплекси во јужна Русија, вклучувајќи ја и рафинеријата во градот Сизран во Самарската област.