Жителите на скопското село Марино бараат итна реакција од надлежните институции поради возач кој, според нивните тврдења, речиси секоја вечер создава бучава и опасност со дивеење на улиците низ населеното место.
На социјалните мрежи беше објавено видео на кое се гледа како возило шлајфува на улица меѓу куќите во доцните ноќни часови, предизвикувајќи силна бучава и чад од изгорени гуми.
Според жителите, ваквите сцени се повторуваат редовно, најчесто во раните утрински часови, поради што тие велат дека со недели немаат мирен сон.
„Видеото е направено на 2 јуни околу 1 часот по полноќ од семејство кое живее на главната улица во Марино и секоја вечер нема мир“, се наведува во објавата на социјалните мрежи.
Во објавата се посочува дека возилото веќе е идентификувано од жителите и дека наскоро ќе биде поднесена пријава до Министерството за внатрешни работи со цел да се открие лицето кое управува со него.
Жителите тврдат дека не станува збор за изолиран случај и дека во вечерните часови има повеќе возачи кои непрописно и опасно управуваат со возилата низ населбата.
Тие апелираат до надлежните институции да преземат мерки за да се спречат ваквите појави и да се гарантира безбедноста на граѓаните.
„Споделете за наша општа и колективна безбедност“, се наведува во пораката што ја придружува објавената снимка.
Засега нема официјална информација дали случајот е пријавен во полиција и дали се преземаат активности за идентификација на возачот.