Турскиот министер за транспорт, Абдулкадир Уралоглу, доби парична казна за пребрзо возење откако самиот објави видео од своето „летање“ на автопат.
Уралоглу во неделата навечер на социјалната мрежа X сподели снимка на која се гледа како управува возило на автопатот Анкара–Нигде, додека во позадина се слушаат народни песни и говори на претседателот Реџеп Таип Ердоган. На видеото се забележува момент во кој автомобилот се движи со 225 километри на час, што е значително над дозволеното ограничување од 140 километри на час. Пораката што ја придружуваше снимката гласеше: „#ТурцијаЗабрзува“.
Неколку часа подоцна, министерот повторно се огласи, овојпат со признание дека направил грешка. „Ненамерно накратко го надминав ограничувањето на брзината,“ напиша тој, додавајќи дека е казнет со 9267 турски лири (околу 190 евра).
Уралоглу објави и копија од прекршочната казна, нагласувајќи дека во иднина ќе биде „многу повнимателен“ и дека „почитувањето на ограничувањата на брзината е обврска за сите“. Случајот предизвика бројни реакции на социјалните мрежи, каде граѓаните иронично забележаа дека токму министер задолжен за транспорт мора да биде пример во сообраќајната култура.