Хрватската министерка за регионален развој, Габриела Жалац, која со своето возило удрила дете, поднесе оставка. Во сообраќајката што се случи во саботата во Винковци, потешко е повредено девојче кое претрчувало преку улица кога министерката на него налетала со возило.
Девојчето било пренесено во болница, а според хрватските медиуми, брзо заздравува.
Жалац денеска истакна дека дури по несреќата видела дека возачка дозвола имала важност до 2016, затоа што била издадена во 2006 година.
Не возев без возачка, имам возачка, но истечена е. На премиерот во саботата му понудив оставка. Му го понудив мандатот на располагање. Не ме оправдува тоа што возачката ми е неважечка. Тоа е сплет на околности. На мојата улица претрча дете, се обидов да го избегнам, а за среќа од спротивен правец не доаѓаше никој, вели Жалац.