„Северномакедонци ниту ќе бидам јас, ниту вие, ниту ќе бидат децата. Поради тоа што јасно е утврдено дека сме Македонци и дека зборуваме македонски јазик. Многу е важно тоа што веќе никој нема да ни го оспорува“, се вели во видео спотот на „Независни Грци“.
Ова е дел од изјавата на премиерот Зоран Заев дадена на 6-декември минатата година, која партијата на Независни Грци преку видео спот ја користат за кампања против Договорот од Преспа. Во видеото Заев се трансформира во ликот на Александар Велики со порака дека никој нема да биде Северномакедонец. Повторувајќи го тоа што го кажал Заев, на крајот од видео спотот Независни Грци прашуваат: Дали ќе го оставиме Заев да зборува во името на Александар Велики.
Но, ова не е единственото нешто што противниците на договорот за името помеѓу Грција и Македонија го прават во пресрет на гласањето во грчкото собрание.
Поддржувачите на Грчката комунистичка партија поставија големи транспаренти на ѕидовите на познатата тврдина Акропол во Атина.
„Не за договорот Ципрас-Заев, не за плановите на САД-НАТО-ЕУ, не за иредентизам и национализам, да на пријателство, солидарност и заедничка борба на народите, е напишано на транспарентите на грчки и англиски јазик. Приврзаниците на Комунистичката партија, заедно со други организации, планираат протести непосредно пред гласањето во собранието.
Лидерот на Нова Демократија вчера на Твитер порача дека наместо да добијат име за ерга омнес, Грција дала ерга омнес идентитет и јазик.
„Националните линии се прегазени. Наместо да добиеме ерга омнес сложено име, дадовме ерга омнес македонски идентитет и јазик. Време е пратениците да ја преземат својата одговорност. Дали ќе кажат да за нешто што претходните премиери рекоа не“, искоментира Мицотакис.
Повеќето Грци се противат на терминот “Македонија” што се користи во договорот. На последниот протест на 20 јануари имаше насилства кога демонстрантите се судрија со полицијата, а резултираше со десетици повредени и неколкумина уапсени.
Вечерва во грчкиот Парламент, пред полноќ Договорот од Преспа ќе биде ставен на гласање. Премиерот Алексис Ципрас е убеден дека има мнозинство, а според проценките со ЗА ќе гласаат најмалку 151 пратеник од вкупно 300 колку што брои грчкото Собрание.