Грција започна организирана акција за лов на отровната „риба зајак“, но туристите кои летово ќе се капаат или ќе рибарат во грчките води треба да знаат едно важно правило – ако ја забележат, не треба да ја допираат, чистат или јадат.
Станува збор за лагокефалос, инвазивен и отровен вид кој во последните години сè почесто се појавува во грчките води и предизвикува загриженост кај рибарите, научниците и туристите.
Грчките рибари веќе започнаа организирана акција за намалување на бројноста на овој вид и за подигнување на свеста за опасностите што ги носи. Лагокефалосот, познат и како „риба зајак“, во Средоземното Море пристигнал од Црвеното Море преку Суецкиот канал, а денес може да се сретне во речиси сите грчки води.
Најголемата опасност не е во самото пливање, туку во контактот и консумирањето на рибата. Грчките експерти предупредуваат дека лагокефалосот содржи тетродотоксин – силен невротоксин за кој не постои познат противотров.
Овој токсин може да предизвика тешко труење, па дури и смрт, поради што оваа риба никако не смее да се консумира.
За туристите пораката е јасна: доколку ја забележат рибата во плитките води, на плажа или ако случајно ја уловат, не треба да ја земаат во раце. Особено е важно децата да не ја допираат, дури и ако рибата изгледа мртва или е исфрлена на брегот.