На денешната 47-ма седница на Владата на Република Северна Македонија е разгледана Информацијата за доделување на грант преку 25-ти повик за техничка помош и за 6-от повик за инвестициски грант за изградба на делницата Крива Паланка - граница со Република Бугарија како дел од коридорот VIII, со укажување со ЈП за железничка инфраструктура ,,Железници на Република Северна Македонија“- Скопје, да ја достави апликацијата за овој грант до Инвестицискиот фонд за Западен Балкан (WBIF).
Со овој грант значително ќе се забрза процесот на довршување на железничката пруга помеѓу Северна Македонија и Бугарија, како дел од обврските на нашата земја во развојот на Паневропскиот коридор 8, а со добивање на инвестицискиот грант ќе се дополни финансиската конструкција за изградба на делницата Крива Паланка – граница со Бугарија, со што ќе се намали задолженоста на Република Северна Македонија.
На предлог на Министерството за труд и социјална политика Владата денеска ја разгледа и усвои Информацијата за проектот „Зајакнување на националните и локалните системи за поддршка на ефективната социоекономска интеграција на Ромите повратници од Западен Балкан“, и ги задолжи Министерството за труд и социјална политика и Канцеларијата на Претседателот на Владата да ги координираат активностите за имплементацијата на проектот.
Проектот има за цел да ги унапреди капацитетите на западнобалканските земји на централно и локално ниво за спроведување сеопфатни модели за реинтеграција на повратниците со поопширна агенда за социјална инклузија со унапредување на социоекономската благосостојба и разрешување на изворните причини и негативните фактори за миграција на Ромите и ранливите популации.
Буџетот на проектот е 4,6 милиони евра и ќе се имплементира регионално во 3 држави, Република Северна Македонија, Република Србија и Република Албанија. Финансиран од Европската комисија и УНДП.
фото: Влада