На денешната 37-ма владина седница, пред преминувањето на точките од дневниот ред, министерот за финансии Фатмир Бесими ги информираше членовите на Владата за нивото на реализацијата на капиталните инвестиции за 2020 година при што беше констатирано дека голем број од институциите, над 95 проценти ги реализирале инвестициите за што беше изразено задоволство со констатација дека сите економски мерки преземени минатата 2020 година дале резултати.
Истовремено, беше информирано и дека 95,4 проценти е реализацијата на сите пакети со економски мерки од Ковид-програмата, кои беа донесени за полесно совладување на кризата кај граѓаните и претпријатијата.
Премиерот Заев заедно со министрите констатираше дека резултатите од последниот квартал покажуваат излез од економската криза и тоа дека Владата во однос на создавањето на економските услови за граѓаните е на вистинскиот пат и дека покрај здравствената криза, на светско ниво, во државата е обезбедено сочувување на работните места и создавање услови за обезбедена солидна потрошувачка на граѓаните.
Владата денеска го разгледа и усвои и Записникот од последниот состанок на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на коронавирус КОВИД-19, при што министерот за здравство Венко Филипче ги информираше и членовите на Владата за она што претходно беше објавено во јавноста, односно дека по интензивни преговори се обезбедени количини на вакцини за цела 2021 година и дека од компанијата „Фајзер“, се очекуваат првите над 5.800 вакцини и дека во тек се преговори и со други компании. Министерот за здравство информираше дека значително е намален притисокот на болниците и дека капацитетите за сместување на ковид болните лица се полупразни и беше констатирано дека мерките кои беа донесени од Владата во последниот период, а кои се однесуваат на намалување на ширењето на вирусот КОВИД донеле резултати.