Владата на Република Северна Македонија на денешната 50-та седница ги разгледа и Планот и мерките за борба против корупција.
Планот за борба против корупцијата е подготвен врз основа на сите препораки и предлози од надлежни институции, невладини организации, независни тела, како и согласно укажувањата на релевантните домашни и странски извештаи и содржи нови начини и соодветни механизми за спречување и искоренување на корупцијата како продолжение на анти-коруптивните политиките што ги зацрта Владата со почетокот на актуелниот мандат.
Со овој план се зајакнуваат капацитетите и се воспоставува синхронизиран систем за ефикасна функционалност на институциите во првите редови против корупцијата, за враќање на довербата во нив и за општество ослободено од корупција
На денешната седница Владата даде целосна поддршка и ја усвои Концепцијата за основно образование за која во подготовката беа вклучени сите засегнати страни, се слушнаа и се прифатија стручни мислења од експерти, универзитетски професори, претставници од МАНУ, наставници граѓански и меѓународни организации. Во подготовката на документот од самиот почеток активно беше вклучен и репрезентативниот синдикат СОНК, а се одржаа низа консултативни состаноци со засегнати страни и широка јавна расправа во Собранието.
Со дел од усвоените стручни мислења, Концепцијата за основно образование во фокусот ги става учениците и нивното право на квалитетно образование.
Концепцијата е во најдобар интерес на децата и во насока на создавање едуцирани и одговорни граѓани, воспитѕвани во духот на граѓанските и демократските вредности на општеството што е и основен постулат на Конвенцијата за правата на децата на ООН.
Посебно место во Концептот на основно образование има континуираниот професионален развој на наставниците насочен кон стекнување и пренесување нови знаења за практичниот аспект на работата според стандардите за квалитет на воспитно-образовниот процес согласно европските трендови.
фото: Архива