Владата на седница усвои три закони со кои ќе се обезбедат финансиски средства за финансирање на крупни капитални проекти како Програма за наводнување на Северна Македонија која опфаќа рехабилитација и проширување на 4 системи за наводнување по долината на реката Вардар (Страиште, Лисиче, Коњско и Пепелиште), како и изградба на мали хидро централи на ХС Лисиче и Пречистителна станица за отпадни води-Скопје.
Вкупната инвестициона вредност на Програмата за наводнување на Северна Македонија изнесува 110,7 милиони евра. За програмата за наводнување на Северна Македонија предвидени се средства преку заем од Владата на СР Германија, преку КфВ, во износ од 80 милиони евра, грант средства од Владата на СР Германија во износ од 2,8 милиони евра и учество на Владата на Република Северна Македонија во износ од 27,9 милиони евра.
На предлог на Министерството за финансии, Владата го утврди текстот на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на добивка, со кој, меѓу другото, ќе се изврши појаснување, допрецизирање и олеснување што произлегуваат од одредбите од Законот кои се однесуваат на: непризнаените расходи, правото на даночен кредит за одредени зголемувања на даночната основа, како и за работи кои се однесуваат на граѓанските непрофитни организации.
фото: Архива