Владата, на денешната седница ја разгледа и усвои Информацијата за Развојна Секторска Стратегија за Правосудство (2024- 2028) со Акциски план и донесе Развојна Секторска Стратегија за Правосудство (2024 – 2028) со Акциски план.
Развојната секторска стратегија за правосудството 2024 - 2028 година, според предлагачот, Министерството за правда, е стратешки документ, којшто се донесува заради утврдување, планирање и спроведување на политиките за натамошен развој на првосудниот систем.
При нејзиното финално изготвување, земени се предвид експертски мислења, како и мислењето од Европската комисија.
Покрај прашањата потесно поврзани со судството, Стратегијата, како што е образложено, предвидува и низа мерки во други поврзани области, коишто се значајни за извршување на функциите на правосудниот систем и ефикасно остварување на правата на физичките и правните лица пред правосудните органи.
Стратегијата се фокусира на пет клучни приоритени области: судството и јавното обвинителство, капацитетите на посебните институции на правосудниот систем, индивидуалните професии и јавни служби, Уставниот суд и специфичните правни области (кривична и граѓанска материја), коишто се релевантни за функционирањето на правосудството.
Владата го разгледа и го утврди текстот на Предлог - националната стратегија за развој на културата, со Акциски план за периодот 2023-2027 година и донесе одлука да се достави до Собранието на Република Северна Македонија на усвојување.
Предлог - националната стратегија за развој на културата со Акциски план 2023 – 2027 година, според предлагачот, Министерството за култура, е стратегиски документ со којшто се утврдуваат среднорочни цели и приоритети за развој на културата во Република Северна Македонија. И, е основен стратегиски документ за областа култура, како за работа на Министерството за култура така и за други субјекти коишто дејствуваат на полето на културата.
Во документот се констатира доминантен впечаток дека институционалната култура во Република Северна Македонија, во споредба со минатото, е поотворена, поконкурентна и насочена да стане активен и препознатлив учесник во регионалната, европската и во светската култура и во таа насока се утврдени и предлог приоритетите во документот до 2027 година.