Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за увоз и извоз на прехранбени производи. Во информацијата се истакнува дека работната група сочинета од претставници на Министерството за финансии, Министерството за економија, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за надворешни работи и Царинската управа предлага да се воведе забрана за извоз на пченица и брашно од пченица кон сите земји за неограничено време, и ги задолжи Министерството за економија, Министерството за земјоделството, шумарство и водостопанство и Царинската управа, да ги преземат сите неопходни активности со цел спроведување на оваа мерка.
Во врска со ова Владата ги задолжи Царинската управа, во соработка со Министерството за земјоделството, шумарство и водостопанство, во наредниот период да го следи трендот на извоз на рафинирано сончогледово масло за јадење, ориз, кондиторски и пекарски производи (тестенини, бисквити и слично) и за истото да ја информира Владата на Република Северна Македонија.
Владата донесе препорака за мелничко преработувачката индустрија да ја има во предвид бесцаринската квота за увоз на пченица од земјите-членки на СТО во количина од 80.000 тони.
Како дополнителен заклучок поврзан со информацијата за увоз и извоз на прехранбени производи, Владата ги задолжи Министерството за економија, Министерството за земјоделството, шумарство и водостопанство, и Агенција за стокови резерви, заедно со мелничко преработувачката индустрија да ја утврдат моменталната состојба со залихите на пченица и брашно и за истото да ја информираат Владата.
Министерството за надворешни работи доби задолжение, преку мрежата на дипломатските и конзуларните претставништва на нашата земја да упати инструкцијата со цел обезбедување информации на дневна основа заради следење на воведувањето на евентуалните забрани на увоз и извоз на стоки кон Република Северна Македонија.
Во рамките на оваа точка Пазарниот инспекторат е должен да изврши вонредна контрола на магацините и дистрибутивните центри со цел да ја утврди ситуацијата за можни скриени залихи на основни прехранбени производи и воедно да ја следи ситуацијата од аспект на несоодветно покачување на цените и за истото редовно на секои три дена да ја информира Владата на Република Северна Македонија.
фото: Архива