Министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, денеска на редовната прес-конференција на која портпаролот Муамет Хоџа информираше за одлуките донесени на 150-тата седница на Владата, го промовираше Етичкиот кодекс за обезбедување на законито, чесно, транспарентно и одговорно работење на членовите на Владата на Република Северна Македонија, замениците на министрите и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата.
Во продолжение, Ви пренесуваме интегрален текст на обраќањето на министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски:
„Почитувани претставници на медиумите,
Почитувани граѓани,
Владата на Република Северна Македонија е трајно посветена на принципите на законито, чесно, транспарентно и одговорно работење како сервис и во интерес на потребите на граѓаните и на јавноста.
Од овие принципи нема отстапки.
Како потврда на доследноста во создавање општество на трајни европски вредности, Владата на својата вчерашна седница го усвои „Кодексот за етичко однесување за членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата“.
Овој Кодекс произлегува од Насоките за добро управување кои беа подготвени во сеопфатна консултација со граѓанскиот сектор, академската заедница,стручната јавност и јавната администрација.
Кодексот значи и реализација на препораките од петтиот круг на евалуација на ГРЕКО, којшто се однесуваат на спречување на корупција и криминал,како и промовирање на интегритет кај централната власт, кај највисоките извршни функции и органите за спроведување на законот.
За практично спроведување и реализација на одредбите од Кодексот од голема полза ќе бидат механизмите мерките за санкции, како и системско подигање на свеста за добро управување на лицата кои вршат највисоки извршни функции.
Како министер задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, мене ми припадна честа, која ја прифатив со огромно задоволство, да бидам одговорен за промоција, спроведување и за следење на придржувањето кон Кодексот за етичко однесување за членовите на владата и носителите на јавни функции именувани од страна на владата.
Прифаќањето на Кодексот всушност значи преземање обврска на носителите на јавни функции постојано да се придржуваат на принципите на добро и одговорно управување на највисоко политичко ниво.
Република Северна Македонија е на вистинскиот пат за воспоставување на општество во кое владеат највисоки морални вредности.Затоа отпорот е толку голем и паничен и доаѓа од различни центри.
Однесувањето на избраните и именувани лица согласно постулатите на правната држава и највисоките морални вредности и принципи е нашиот долг и обврска кон граѓаните.
Само така можеме да очекуваме зголемување на довербата во политичките претставници и институциите на системот.
За успешна реализација на одредбите од овој Кодекс,од суштинско значење е вашиот активен придонес и алармирање за појави и однесување на носителите на јавни функции, спротивни на законските и морални принципи на однесување.
Гласните, храбри и одговорни граѓани се нашиот најголем сојузник.
Практичната примена на овој Кодекс за етичко однесување за членовите на владата и носителите на јавни функции именувани од страна на владата ќе биде потсетник дека довербата од граѓаните не е дадена еднаш засекогаш.
Довербата на граѓаните останува наш врвен приоритет и овој Кодекс е нашата алатка со која ќе можеме да преземеме брзи и ефикасни чекори за да ги промениме институциите и начинот на однесување на носителите на јавни функции во интерес и во полза на граѓаните“.