ВМРО-ДПМНЕ побара Јавното обвинителство да отвори темелна и транспарентна истрага за случајот со, како што наведуваат, незаконското следење и прислушување на претседателот на партијата Христијан Мицкоски, како и на функционери, новинари и бизнисмени.
Од партијата тврдат дека граѓаните пет години живееле во „заробена држава“ во која се прекршувале основните човекови права, а во тој период Мицкоски и десетици други лица биле предмет на незаконски активности на безбедносните служби под контрола на СДС.
Во соопштението се обвинува дека во изминатите пет години СДС и ДУИ грубо ги прекршувале законите и ги злоупотребувале институциите, додека Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Армијата на Република Северна Македонија (АР) биле ставени „во служба на политичката мафија“.
ВМРО-ДПМНЕ наведува и дека Јавното обвинителство, заедно со обвинителот Љупчо Коцевски, дејствувале во интерес на СДС и ДУИ и прикривале криминал.
„Неопходно е ЈО да престане да ги штити антидемократските структури и да започне да работи во интерес на владеењето на правото и правдата, со цел враќање на довербата во институциите“, стои во соопштението.
Според ВМРО-ДПМНЕ, довербата на граѓаните во правосудството изнесува само 2 проценти, а доколку нема конкретни резултати, таа ќе падне на нула.
Партијата бара ЈО да даде одговор кој стои зад наредбите на АНБ и АР и кој е дел од, како што велат, „мрежата на незаконско следење“.