На денешната прес-конференција, пратеничката Емилија Ангелова соопшти дека образованието повторно е меѓу приоритетите на Владата, посочувајќи дека во изминатиот период се реализирани повеќе мерки за подобрување на условите за учениците и наставниците.
Ангелова изјави дека втора година по ред учебниците за сите одделенија биле обезбедени уште на почетокот на учебната година. Според неа, набавени се повеќе од еден милион примероци по пониски цени, со што, како што рече, во последните две години се заштедени околу 45 милиони денари.
Ангелова истакна дека учениците повторно добиле учебници по странски јазици, меѓу кои англиски, француски, германски и италијански, што, според неа, не било случај во претходните години.
Таа посочи и дека со спогодбата потпишана со СОНК е предвидено зголемување на платите на наставниците во следните четири години за 40 до 60 проценти, во зависност од инфлацијата, додавајќи дека во првите две години тие веќе се зголемени за повеќе од 20 проценти.
Според Ангелова, воведен е и систем за кариерен напредок на наставниците и стручните соработници во средното образование преку избор во звања ментор и советник.
Од ВМРО-ДПМНЕ наведоа дека е зголемен и бројот на образовни асистенти, при што во основното образование има 1.350 асистенти, а за првпат се ангажирани и 150 образовни асистенти во средните училишта.
Воедно, партијата посочи дека повеќе од 160 училишта се опремени со современа информатичка опрема, дигитализирани се услугите за учениците и студентите, воведен е нов електронски дневник и електронски свидетелства, а започнала и примена на насоки за етичко користење на вештачката интелигенција во образованието.
Ангелова додаде дека во првата година од мандатот биле инвестирани повеќе од 70 милиони евра во изградба, реконструкција и проширување на училишта и спортски сали, оценувајќи дека тоа придонесува за подобри услови во образовниот систем.:::