
Незаконската легализација на објекти во Чаир е последен пример за корупцијата и двојните стандарди, велат од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
Од партијата велат дека последен од случаите за еклакантни двојни аршини е тој во општина Чаир, каде што секојдневно се дозволува дивеење на урбаната мафија.
„Во оваа општина, иако изминативе години се издадени само 8 градежни дозволи, доволно е само да се прошета во општината и лесно ќе се увиди дека има десетици пати повеќе изградени нови објекти. За жал, Општина Чаир не е само нем послушник во целата работа, туку е и активен учесник преку кршење закони, фалсификување документи и други тешки кривични дела. Имено, спротивно Законот за постапување со бесправно изградените објекти од 2021 година, каде што според член 2, став 2, јасно се вели дека легализацијата е можна само за објектите изградени до тој момент, деновиве во јавноста се појавија информации и докази дека Општина Чаир фалсификува документи и го крши законот преку легализирање објекти што се изградени години по носењето на овој закон“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Се додава дека ако не функционира општинската градежна инспекција, тогаш тука се институциите на централната власт, како што се Државниот инспекторат за урбанизам и градежништво, Државниот инспекторат за локална самоуправа, па и Министерството за транспорт и врски.
За жал, велат од ВМРО-ДПМНЕ, тие со години не реагираат на самоволието на општините, кои се од нивната политичка провиниенција и своето време го користат за малтретирање на општините предводени од ВМРО-ДПМНЕ и блокирање на нивната работа на секој можен начин.