СДС не бирале средства и методи за да останат на власт што е можно подолго, злоупотребувајќи институции, државни ресурси и целиот безбедносно-разузнавачки апарат, обвини и денеска ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата велат дека заради одржување на власта, безбедносните служби биле ставени во партиска функција со цел следење и прислушкување на политички противници, бизнисмени, новинари и јавни личности.
Според соопштението, во периодот кога СДС била најголема опозициска партија, со помош на нивни кадри поставени во агенциите за разузнавање и безбедност, пет години бил следен и прислушкуван претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Тоа го правеле со единствена цел политичка елиминација на Мицкоски, како единствен којшто може да им се спротивстави и да ги победи на избори, нешто што и се случи и покрај недемократските, да не речеме тоталитарни, мерки,“ се наведува во реакцијата.
Од партијата додаваат дека со следењата и прислушкувањата СДС сакале да го запрат нивниот пад од власт, да го придушат секој слободен и критички глас од новинари и јавни личности, како и да вршат уцени врз стопанственици.
„Во периодот од 2019 до 2024 година, СДС владееле со злоупотреба на службите како да се партиска алатка за останување на власт. Трагично е да се гледаат СДС, кои од уста не ја вадеа демократијата, како ги злоупотребувале службите и со најнедемократските методи ги ограничувале правата на слободно движење и изразување на граѓаните загарантирани со Устав и закон,“ стои во соопштението.
ВМРО-ДПМНЕ наведува дека цели пет години службите биле користени за да се одржат на власт Зоран Заев и Венко Филипче и кликата околу нив, наместо за безбедноста на државата и граѓаните.
Дополнително, како што посочуваат, асистенција во тоа давал и сегашниот главен обвинител Љупчо Коцевски, кој бил одговорен за издавање на ПИ мерките и претставувал „главна алка“ во синџирот на СДС за следење и прислушкување на претседателот Мицкоски, новинари и бизнисмени.
„Тоа е истиот тој Коцевски кого СДС толку силно го бранеа во Собрание за време на гласањето на интерпелацијата против него, а веќе се гледа зошто го бранеа и не гласаа за негово разрешување,“ додаваат од партијата.
Во заклучок, ВМРО-ДПМНЕ бара и очекува Јавното обвинителство да отвори сеопфатна истрага за овој скандал „од невидени размери“, со која ќе бидат опфатени сите што ги злоупотребиле институциите и ќе бидат изведени пред лицето на правдата.