Комуналните служби на Блед ги засилија контролите долж дел од брегот на Бледското Езеро, каде што туристите често седат или лежат во сенка, иако просторот не е предвиден за одмор или капење.
Станува збор за делницата меѓу Градското капалиште и хотелот „Гранд Топлице“, која е означена како зона во која не е дозволено задржување. За непочитување на правилата се изрекуваат казни од 200 евра.
Од Меѓуопштинскиот инспекторат и комуналното редарство на Блед, Бохињ и Железники ги повикаа посетителите да ги користат уредените простори за одмор на Стража, каде што има лежалки и друга туристичка инфраструктура.
Новите мерки предизвикаа бројни негативни реакции на социјалните мрежи. Дел од корисниците ги оценија казните како претерани, особено поради високите температури и потребата луѓето да побараат засолниште од сонцето.
Локалните власти, пак, објаснуваат дека целта на мерките е заштита на природата, спречување на ерозијата на брегот и одржување ред во една од најпосетуваните туристички дестинации во Словенија.