Претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски, оцени дека локалните избори од првиот круг се успешни.
Во дневникот на ТВ Сител, Даштевски нагласи дека неколку поплаки стигнале до ДИК, додека рокот за поднесување приговори истекува 48 часа по изборите, односно денеска. Што се однесува до решенијата за сертификација за градоначалниците и советниците, тие ќе бидат издадени десет дена по завршувањето на изборите, односно во ноември.
„Овие избори се најголемите избори досега, потрошени се 60 тони хартија и отпечатени се 45 милиони ливчиња и затоа беа многу тешки за спроведување“, додаде претседателот на ДИК.
Во 99 проценти од избирачките места, читачите на отпечатоци работеа добро, рече Даштевски, додавајќи дека во текот на денот донесени биле само шест одлуки за преминување на класично гласање, главно на планинските места.