Необичен случај е регистриран на меѓународниот аеродром „Галф Шорс“ во американската сојузна држава Алабама, каде што при безбедносна контрола во патнички багаж биле откриени украдени воени артефакти.
Службеник на Управата за безбедност во сообраќајот (TSA) првично помислил дека во куферот има медицински топки или слични предмети. По дополнителната проверка било утврдено дека станува збор за пет топовски ѓулиња, украдени од историската тврдина Форт Морган.
Патничката во чиј багаж биле пронајдени артефактите изјавила дека не знае како тие завршиле во нејзиниот куфер. Подоцнежната истрага покажала дека ѓулињата ги зел нејзиниот 17-годишен внук од складиштето на тврдината.
Службеникот кој го прегледувал багажот изјавил дека предметите биле завиткани во хартиени крпи, поради што првично се посомневал дека би можело да станува збор за експлозивни направи и веднаш побарал помош од надлежните служби.
На местото пристигнале пиротехничари, кои утврдиле дека топовските ѓулиња не претставуваат опасност. По проверката, артефактите биле вратени во историската тврдина Форт Морган.
Од Канцеларијата на шерифот соопштија дека директорот на тврдината нема да поднесе кривична пријава против малолетникот.
Службеникот на TSA призна дека ова е еден од најнеобичните случаи со кои се соочил, додавајќи дека досега видел различни сомнителни предмети, но никогаш украдени историски артефакти кои, како што рече, потсетуваат на сценарио од филмовите за Индијана Џонс.