Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) најавува изградба на кафилерија. Фабриката во која ќе се преработуваат нус-производите од животинско потекло ќе биде лоцирана во Општина Лозово и се очекува да профункционира во 2021 година.
Како што вели за МИА директорот на АХВ, Зоран Атанасов, средствата, околу 9,5 милиони евра, се веќе обезбедени, а ќе бидат достапни од 2020 година.
Фабриката на почеток ќе произведува високоеенергетски масла, но идејата е, по две до три години да почне и со продукција на биопротеини.
Освен изградба на фабрика, проектот предвидува и набавка на специјализирани возила и машини.
Македонската кафилерија има можност да прерасне во регионална ако се земе предвид дека најблиску ваква фабрика има во источниот дел на Бугарија. Кафилерија нема во северниот дел на Грција, а на Косово постои само акцелератор за спалување.