Релакс водата во чиј состав има канабис веќе се продава на рафтовите во еден ланец на маркети, а може да се набави и со еден клик на интернет, објави „Нова ТВ“.
Вода за пиење која во својот состав има канабис од неодамна може да се види на полиците во еден ланец на маркети. Водата се продава во фрижидерите и рафтовите заедно со другата вода на дофат и на деца, но може да се купи и он-лајн преку интернет.
На самата амбалажа со крупни букви пишува дека овој енергетски производ е за релакс и дека содржи канабис. Се заинтересиравме да видиме колкав процент на канабис во себе содржи оваа вода која е наменета за релаксација и во колкава количина во својот состав има ЦБД, но такво објаснување нема.
За да биде појасно, за ЦБД се вели дека покрај при состојби на анксиозност, помага кај нервози, депресија, мускулни спазми, кај гадење и повраќање особено при хемотерапија кај болните од рак, ублажува болка, а се применува и кај малигни заболувања, мултиплекс склероза, ХИВ и епилептични напади во детска возраст.
Во позадина на амбалажата со ситни букви покрај другите елементи од составот е наведено дека содржи „мултифрут екстракт од семе од коноп“. Никаде не е назначено дали и во кој процент содржи ЦБД бидејќи само тоа е дозволено за употреба, кој го контролира составот и дали гарантираат дека во својот состав нема психоактивната супстанца ТХЦ, или траги од истата. Ова особено, што според експертите овие две супстанци при производството на екстракт тешко се одвојуваат една од друга.
Производот кој за разлика од другата вода е двојно поскап бидејќи станува збор за енергетски производ. На каса продавачката се насмеа и кратко праша: „Ќе се релаксирате?“, пишува порталот.
Во продавницата ни потврдија дека производот донесен од скоро и луѓето се уште не знаат за него. За тоа дали ќе го купуваат деца, тие велат дека немаат никаква одговорност.
Текстот во целост на: „Нова ТВ“.