Собраниската Комисија за надзор на работата на Агенцијата за национална безбедност утре ќе ја има првата седница на која ќе расправа за првите четири недели од постоењето на новоформираното разузнавачко тело. Агенцијата, иако функционира од први септември, сè уште се нема доекипирано. Бројот на вработени таму се чува како државна тајна, но се шпекулира дека во објектот кај поранешната „Македонија табак“ место добиле околу 300 припадници на сега непостоечката Управа за безбедност и контраразузнавање, објави „Независен весник“.
Тие успеале да ја поминат безбедносната контрола и да го добијат потребниот сертификат, задоволувајќи ги високите критериуми што се заострени пред извесниот влез на земјава во НАТО. Но другата половина од кадрите на бившата УБК не добија зелено светло. За нив, согласно договорот во парламентот и изгласаниот закон, ќе се најде место во некој од другите сектори на Министерството за внатрешни работи. Управата за безбедност и контраразузнавање беше дел од МВР, додека новото тело е самостоен орган.