Пациентка од американската сојузна држава Охајо поднела тужба против болница и медицинскиот тим откако, според наводите во тужбата, хирург по грешка ѝ ја ампутирал здравата нога. Подоцна лекарите морале да ја отстранат и ногата која првично била предвидена за операција, поради што жената останала без двата долни екстремитети.
Шерон Џекс на 19 септември 2025 година била примена во болницата „Селби Џенерал“ во Мариета за ампутација на десната нога под коленото. Но, по будењето од операцијата, дознала дека ѝ била ампутирана левата нога. Ова е наведено во тужбата од 32 страници до која дошол порталот WBNS.
Нејзиниот адвокат Бред Лејн изјавил дека пациентката била оперирана на погрешниот екстремитет, иако станувало збор за здравата нога. Подоцна била извршена ампутација и на десната нога, која првично требало да биде оперирана.
Џекс на 15 септември поднела тужба против хирургот, членовите на оперативниот тим и болницата. Во неа се наведуваат тешка небрежност, несовесно постапување и пропусти на болницата, а пациентката бара надомест за медицинските трошоци, болките и страдањата, трајниот инвалидитет и нарушениот квалитет на живот.
Според адвокатот, медицинската документација покажува дека хирургот пред операцијата правилно ја означил ногата што требало да биде ампутирана. Сепак, била отстранета спротивната нога, а ознаката на правилниот екстремитет, наводно, останала и по завршувањето на операцијата.
Тужбата наведува и дека медицинскиот тим пред интервенцијата спровел две безбедносни проверки, познати како „time-out“, чија цел е да се потврдат идентитетот на пациентот, планираната операција и точната страна на телото што треба да биде оперирана. Според адвокатот, во проверките требало да учествуваат сите членови на оперативниот тим.
Од болницата потврдиле дека во септември 2025 година се случил „несакан хируршки настан“. Во соопштението наведуваат дека нивната внатрешна проверка утврдила оти инцидентот можел да биде спречен и дека не биле почитувани предвидените процедури во операционата сала.
Од болницата додаваат дека одговорните лица сносиле последици и повеќе не работат на своите позиции. Во меѓувреме биле воведени и корективни мерки на ниво на целата организација, со цел да се спречи повторување на сличен случај.