Во микроскопските остатоци од атомската експлозија што на 6 август 1945 година ја уништи Хирошима, научници откриле ситно зрно метална легура со комбинација на состав и кристална структура каква досега не била забележана на Земјата.
Откритието го направил тим предводен од геологот Лука Бинди од Универзитетот во Фиренца, а резултатите се објавени во списанието „Science Advances“.
Материјалот бил пронајден во микроскопски стаклести честички од песокот во заливот кај Хирошима, создадени при екстремните услови на нуклеарната експлозија.
Огнената топка по детонацијата на бомбата „Little Boy“ достигнала температура повисока од 7.000 Целзиусови степени. Во такви услови испарувале и се мешале метали, стакло, почва и градежни материјали, а потоа се ладеле со огромна брзина.
Според Бинди, токму оваа комбинација на екстремна топлина, насилно мешање и нагло ладење може да создаде структури што во нормални услови тешко или воопшто не би се формирале.
Истражувачите анализирале 34 примероци со техники со висока резолуција, барајќи невообичаени метални фази зачувани во остатоците од експлозијата.
Во еден од примероците пронашле микроскопски фрагменти од легура богата со железо и хром. Едно зрно особено се издвојувало бидејќи содржело значително повеќе силициум од околните честички.
Зрното е широко само околу 10 микрометри, а анализата покажала дека главно содржи железо, но и хром, силициум, никел, молибден, манган и алуминиум.
Клучната разлика, сепак, не била само во хемискиот состав.
Три други анализирани зрна имале релативно едноставна кристална структура, каква што се очекува кај обичниот челик. Необичното зрно, пак, покажало многу посложена и поуредена атомска структура.
„Новоста е во специфичната комбинација на хемиски состав и кристална структура. Таа не одговара на познати индустриски легури ниту на претходно регистрирани производи од експлозии“, објаснил Бинди.
Научниците сметаат дека легурата најверојатно се создала со кондензација од метална пареа, по што била екстремно брзо изладена.
Во вообичаени услови материјалот би имал време да премине во поедноставна и постабилна структура. Наместо тоа, брзото ладење ја „замрзнало“ легурата во сложена, метастабилна состојба.
Откритието отвора можност во остатоците од историски нуклеарни експлозии да постојат и други редок тип материјали што досега останале незабележани бидејќи се скриени во зрна големи само неколку микрометри.
Бинди, сепак, нагласува дека научната вредност на откритието не може да се одвои од трагедијата во која материјалот бил создаден.
Според него, на ваквите истражувања мора да им се пристапи со почит и со свест дека научното сознание во овој случај произлегува од остатоците на една од најголемите човечки катастрофи во историјата.