Вечерва во „Претрес со Ландов“, Кире Димитриев и Наталија Ѓорѓиеска говорат за болката која не минува за загинатите син и сопруг, за судењата што ја отвораат раната одново, за Андреј од ДНК и за Диме кои загинаа на 16 март минатата година во „Пулс“ во Кочани.
Борбата по вистината и за правда трае повеќе од една година, а Кире Димитриев оди на судските рочишта.
Само еден ден по трагедијата, тој добил внуче од загинатиот син.
„Тенка е линијата меѓу животот и смртта. Бог ти дава, Бог ти зема. Не мислев дека тоа можам да го издржам. Нашите деца се убиени, бараме правда бидејќи нивните животи се насилно прекинати. Надеж во тие моменти ни беше внукот од загинатиот син. Животот нè скрши. Тоа не е нормален живот“, вели
Димитриев.
Животот продолжува, но не е ист за нас, низ солзи говори таткото на загинатиот Диме.
„Кога го видов син ми во креветот без знаци на живот, не можев да верувам. Снаата, која беше во поодмината бременост, ме освести со силен крик и ме освести дека морам да продолжам да живеам. Ме прогонува што не можев ништо да направам за синот“, вели Димитриев.
Знае дека државата не може да ја носи нивната болка, но мора да го исполни ветеното.
„За погребите и спомениците ни беше ветено дека државата ќе го надомести ова, но дознавме дека средствата се од донации. Им забележувам на пратениците што набргу по трагедијата заминале на одмор“, вели Димитриев и открива дека средствата за споменикот за загинатите се пренаменети за други цели.