Јавноста трет ден говори за пожарот што целосно зафати дел од производствените погони на фабриката „Макпрогрес“ во Виница. На видеата објавени од локалната телевизија ТВ Стар може да се види интензитетот на пламените јазици и големите облаци чад кои се издигаа над градот, додека пожарникарите се бореа со огнената стихија.
Според информациите, во пожарот изгоре еден производствен погон со три линии за наполитанки, вафел барови и тортички, заедно со два магацини – еден за суровини и еден за готови производи.
Обвинителството ќе спроведе истрага
Основното јавно обвинителство од Кочани соопшти дека јавен обвинител бил на лице место, но увидот не можел да започне затоа што пожарот не бил целосно изгаснат и сè уште траеле активностите за обезбедување на локацијата.
„Во меѓувреме, издадени се насоки и наредби за други дејствија поврзани со целосното испитување на настанот“, информираат од Обвинителството.
Повредени лица и интервенција на пожарникарите
Во пожарот беа повредени 18 лица, од кои 13 се хоспитализирани, но сите се во стабилна здравствена состојба. Осум вработени добија медицинска помош на Клиниката за токсикологија во Скопје, четворица пожарникари беа примени во Општата болница во Кочани, а една пожарникарка е згрижена во Клиничката болница во Штип.
Во гаснењето учествуваа противпожарни екипи од Виница и неколку соседни општини, кои со часови се бореа да ја стават ситуацијата под контрола.