Учениците кои не успеаја да се запишат во средно образование во првиот уписен рок ќе добијат нова можност веќе на 23 јуни, кога ќе се реализира второто електронско пријавување за учебната 2026/2027 година.
Според податоците на Министерството за образование и наука, по завршувањето на првиот уписен рок, во средните училишта низ државата остануваат слободни вкупно 11.882 места.
Во првиот уписен рок успешно се запишале 13.397 ученици, додека преку електронскиот систем аплицирале вкупно 15.075 деветтоодделенци. И годинава најголем интерес е забележан за стручното образование, каде што се запишале 8.910 ученици, додека во гимназиското образование се запишани 4.278 ученици.
Во повеќе средни училишта конкурсот веќе е затворен поради пополнување на сите слободни места. Меѓу нив се и дел од најбараните гимназии во Скопје и во другите градови низ државата. Во одредени училишта ќе се организира и квалификациско тестирање за кандидатите кои освоиле идентичен број бодови.
Електронското пријавување во вториот уписен рок ќе се одвива на 23 јуни, додека доставувањето на потребната документација до училиштата е предвидено за 24 јуни. Конечните ранг-листи ќе бидат објавени на 25 јуни, најдоцна до 12 часот.
Од Министерството за образование и наука апелираат учениците и нивните родители внимателно да ги следат информациите што ги објавуваат училиштата и да ги почитуваат утврдените рокови за доставување на документацијата, со цел успешно завршување на уписната постапка.