Министерот за економија по тужбата против државава која ја поднесе грчката нафтена компанија Хеленик петролеум вели дека веќе е формиран преговарачки тим од владини претставници и од експерти кој имал неколку средби со другата страна. Детали од преговорите не се откриваат, сите можности се отворени, а главниот збор ќе го има арбитражниот суд во Париз преку кого е поднесена тужбата.
„Нема да седиме со скрстени раце, секако дека ќе ги употребиме сите аргументи што ќе бидат во полза на државата се со цел да се обидеме таа арбитража да се обидеме да ја добиеме. Досега сме имале неколку состаноци, не само јас туку и неколку претставници на владата. Преговорите ги водиме јас и вицепремиерот Анѓушев, имаме вклучено и експерти во тимот, и доколку имаме договор навремено ќе ве известиме“, рече Бектеши.
Грчката компанија Хеленик Петролеум веќе ја активирала тужбата за наплата на 31 милион долари плус камати зашто Македонија не го почитувала купопродажниот договор за рафинеријата ОКТА. Сега Хеленик Петролеум има намера да го наплати долгот кој се наталожувал од 2008-ма до 2011-та година поради тоа што Македонија не откупувала 500 илјади тони мазут на годишно ниво што беше дел од договорот склучен пред 20 години.
Ова е втора тужба на Хеленик против земјава за истиот проблем. Македонија на грчката нафтена фирма веќе и исплати 40 милиони евра на име на оштета дека не го почитувала договорот за купопродажба на ОКТА.