Институциите да покренат постапки против насилниците од толпата, полициските службеници кои ги пречекориле овластувањата и поттикнувачите на меѓуетничка омраза, порача Хелсиншкиот комитет за човекови права во извештајот во врска со насилниот протест по пресудите за случајот „Монструм“, објави Макфакс.
Од Хелсиншкиот комитет велат дека судската постапка во врска со петкратното убиство извршено на 12-ти Април 2012 година во околината на Смилковското езеро, ја бранува домашната јавност повеќе од осум години. За сиот овој период, судските одлуки, кои се носат од страна на Основниот и Апелациониот кривичен суд – не поминуваат без насилство и говор на омраза, кој се истура на улиците и социјалните мрежи.
Првиот насилен протест на незадоволни граѓани од пресудата на Основниот кривичен суд Скопје се случи на 4-ти Јули 2014 година, односно четири дена по објавувањето на првата пресуда на 30-ти Јуни 2014 година. Тогаш со повреди се здобија дваесетина полицајци и беа приведени шест демонстранти.
Во однос на последните протести што се одржаа на 26 февруари, од Хелсиншкиот оценуваат дека имајќи го предвид насилството на претходниот протест одржан на 29-ти јануари, кога беа фрлани камења, скршени стаклата и оштетен влезот на МНР при обидот демонстрантите да се приближат до ОЈО, полицијата овојпат ги задржала граѓаните и не им дозволила да се приближат до зградата на Кривичниот суд. Самото такво постапување на полицијата од страна на групата било примено како забрана на нивното уставно право на протест. Од друга страна, аргументот на полицијата е дека се работи за безбедносна проценка протестот да биде задржан на потегот ТЦ Мавровка – Битпазар, заради тоа што во толпата имаше една исклучително насилна група, веројатно составена од навивачи и помлади учесници на протестот, кои носеа фантомки на главите и беа наоружани со камења и други тврди предмети во рацете.