Марсија Лукас, добитничка на Оскар и една од највлијателните монтажерки во американската филмска индустрија, почина на 80-годишна возраст по битка со рак. Веста за нејзината смрт ја потврди нејзината адвокатка Дидра фон Рок.
Лукас беше дел од генерацијата филмски автори што го одбележаа периодот на Нов Холивуд во седумдесеттите и осумдесеттите години на минатиот век. Најголема слава стекна како член на монтажерскиот тим на оригиналниот филм „Војна на ѕвездите“ од 1977 година, за кој ја доби престижната награда Оскар.
Во текот на својата кариера работеше и на други значајни филмски остварувања на режисерот Џорџ Лукас, меѓу кои „Враќањето на Џедаите“, „THX 1138“ и „Американски графити“.
Нејзиниот талент беше препознаен и од режисерот Мартин Скорсезе, со кого соработуваше на филмовите „Таксист“, „Алис повеќе не живее тука“ и „Њујорк, Њујорк“.
Марсија Лукас често беше нарекувана „неопеаниот херој“ на филмската сага „Војна на ѕвездите“. Според бројни сведоштва од филмската индустрија, таа одиграла важна улога во обликувањето на приказната и драматургијата на култниот филм. Меѓу другото, се наведува дека токму таа го убедила Џорџ Лукас ликот на Оби-Ван Кеноби да загине во дуелот со Дарт Вејдер и подоцна да се појавува како духовен водич на Лук Скајвокер.
Родена како Марсија Грифин во Модесто, Калифорнија, по разводот на нејзините родители се преселила во Лос Анџелес со својата мајка. Кариерата ја започнала како архиварка на филмски материјали, а подоцна работела на монтажа на реклами, трејлери и промотивни видеа.
Со Џорџ Лукас беше во брак од 1969 до 1983 година. Зад себе ги остави ќерките Аманда Лукас и Ејми Сопер.
Со својата работа Марсија Лукас остави длабока трага во историјата на американската кинематографија и останува запаметена како една од најзаслужните личности зад некои од највлијателните филмови на современото кино.