Пратеникот Драган Ковачки на социјалните мрежи го искара министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, за кого постојат шпекулации дека е еден од можните кандидати на СДСМ за претседател. Ковачки се согласи само со еден став на Спасовски, а тоа е дека: „напад на униформата е напад на државата“.
„1. Трагикомично е кога оваа констатација доаѓа токму од министер кој со цел да не падне коалицијата со ДУИ, ја манипулираше цела јавност дека полициска службеничка која си ја вршела должноста, дека сама се удрила во пајакот.
2. Трагикомично е и кога во Арачиново вооружени цивили ќе ви влезат во полициска станица и ќе ви истепаат полицајци кои си ја вршеле должноста, а за тоа никој не одговара.
3. Трагикомично е и кога вашата анти-македонска партија СДС ќе помогне да се пушти на слобода лице кое ја нападнало униформата која Спасовски ревносно ја брани.
Сепак, тука има и една друга дилема и таа ќе ја расчистиме после падот на СДС од власт, а таа е расчистување со сите униформирани лица кои се занимаваат со шверц на дрога, изнуди, рекет и други недозволени активности.
За таквите лица место во безбедносниот систем ќе нема и за истите мора да има одговорност“, додаде Ковачки.
Претходно, Спасовски изјави дека секое лице што напаѓа униформиран полицаец, ја напаѓа и државата.