Приведениот анестезиолог од Тетовската болница доби притвор во траење од осум дена. Тој ќе биде спроведен во КПУ Затвор „Скопје“ за издржување на притворот, информираше СВР Тетово.
В.Д. 43-годишнен лекар – анестезиолог од тетовското село Одри на социјалните мрежи во живо снимаше и емитуваше пациенти и медицински персонал. Основното јавно обвинителство Тетово поведе постапка против обвинетиот за кривични дела „несовесно работење во службата“, како и „неовластено снимање“ според чл.152 ст.2 од Кривичниот законик. 49-годишниот директор на болницата го пријавил случајот во полиција.
Министерот за здравство Фатмир Меџити вчера изрази жалење за однесувањето на анестезиологот и кажа дека тој е суспендиран од работа. Постапката на анестезиологот наиде на осуда и коментари дека здравствениот систем се распаѓа.