Ја зголемивме минималната плата, а таа отвори спирала на покачување на платите во Македонија. Со тоа, сега просечната плата е 24.548, а претходно беше 22,889. Дојдовме до просечна плата од 400 евра, ако треба железни опинци ќе облечам, ама 500 евра просечна плата во Македонија ќе има. Ова го изјави премиерот Зоран Заев на трибината во Велес, насловена како „Силна економија, шанса за сите!“
Премиерот посочи дека земјава има капацитет да овозможи луѓето достоинствено да заработуваат и да живеат, а младите да не си одат од Македонија. ВМРО ДПМНЕ вели дека плата од 500 евра ќе има кога ќе има и почист воздух за граѓаните. Опозицијата вели дека Заев постојано кажува исти лаги, а народот не му верува.
Од денеска Владата на Република Македонија започнува со реализација на серија трибини со граѓаните и активности „Силна економија – шанса за сите“ преку кои во отворена дебата со граѓаните ќе се дискутираат економските остварувања и политики како и предизвиците и перспективите кои се отвораат за економски развој на земјата со членството во НАТО и започнувањето на преговори со ЕУ.