„Без да ја коментирам и да навлегувам во детали за оправданоста на одлуката на Стејт департментот за забрана за влез во САД на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев, само ќе напоменам, како и порано кога сум бил премиер, така и сега, стојам на располагање за сите потребни одговори и разјаснувања на определени теми од интерес на нашите стратешки пријатели и партнери во врска со било која општествено-економска и политичка тема во земјава вклучително и основот за сомневањата кон Анѓушев“, изјави попладнево Зоран Заев.
– Јавно сакам да го споделам мојот став, кој веќе ѝ е познат на јавноста, а тоа е дека Кочо Анѓушев и неговиот тим беа едни од најпосветените и најспособни луѓе и кабинет во Владата во периодот додека бев јас премиер. Голем дел од економските успеси на Владата беа директна заслуга на Анѓушев. Северна Македонија ретко кога имала вака висок функционер, кој е и професор, но, пред сѐ, успешен деловен човек со огромно практично искуство во економската проблематика и предизвиците на државата во економијата – вели поранешниот премиер.
Заев вели дека како премиер му било чест што имал таков соработник кому економијата и државата му биле секогаш на прво место.
– Знаеше да каже и да покаже дека неговите фирми и капитал вредат онолку колку што ни вреди државата и дека само со успех на државата може да имаме сите надеж дека ќе успееме во сопствените приватни и деловни планови. Сите шпекулации што ги слушам деновиве, дури и од одредена јавна институција, ги сметам за неосновани затоа што Владата и стручните служби своевремено им имаат обезбедено и испратено навремен, соодветен и основан одговор – дециден е Заев.
– Тоа го правеше чесно, одговорно и посветено. Денеска, ја има мојата поддршка во докажување на неоснованоста за сомневањата кон него изразени од нашите пријатели Соединетите Американски Држави – порача поранешниот премиер Заев.