Премиерот Зоран Заев со воведно обраќање го отвори Првиот Економски Форум во Скопје во организација на Економскиот Форум од Делфи, Грција и на Грчката Бизнис Асоцијација во Северна Македонија, а во партнерство и соработка со домашните компании.
Премиерот истакна дека влегуваме во нова фаза на економски раст, кој ќе го придвижат зголемената регионална економска соработка, спроведувањето на сите потребни стандарди што се својствени за државите членки на ЕУ, како и посебниот Интервентен план за инвестиции ИПИ 2021 - 2027 за економски развој.
Првиот Економскиот Форум во Скопје има голем потенцијал да прерасне во традиционален собир кој на највисоко ниво секоја година ќе обединува регионални и меѓународни политички лидери, амбасадори, претприемачи, истакнати личности од различни општествени сфери.
Северна Македонија ги негува европските вредности, демонстрира европски манири, политичка волја и гради добро-соседски односи, неопходни за економски просперитет и подобар стандард за граѓаните.
Пораката која на националните и регионалните медиуми се пренесуваше од Делфи Самитот во Атина кој се одржа пред еден месец, ја упатувам и тука од Скопје: „Потребен ни е економски просперитетен Балкан на 21 век, интегриран во Европската Унија“. Денес, ќе додадам и Балкан кој живее во сегашноста и гради просперитетна иднината, а минатото е поука дека поделби и раздори меѓу народите на Балканот не водат никаде.
Горд сум што Северна Македонија постигна договор со Грција и што денес сме членки на НАТО. Поддршката од Грција ја имаме и на нашиот европски пат и благодарни сме на тоа.
НАТО членството значи сигурност и безбедност, но значи и можност за економски развој.
Нашата земја, ги исполни сите услови за почеток на преговорите по поглавја за членство во ЕУ што е безусловно потврдено од Европската Комисија, како и од огромното мнозинство на земјите членки, истакна меѓудругото премиерот Зоран Заев.
Премиерот додаде:
„Влегуваме во нова фаза на економски раст, кој ќе го придвижат: зголемената регионална економска соработка, спроведување на сите потребни стандарди што се својствени за државите членки на ЕУ, како и преку посебниот Интервентен план за инвестиции ИПИ 2021-2027 за економски развој.
ИПИ ги опфаќа сите инвестиции кои се планира да отпочнат во земјава, вклучувајќи ги и приватните инвестиции на домашни и странски инвеститори. Тоа е стратешки документ со дефинирани елементи, како- вредност на планирани инвестиции од над 8 милијарди евра. Комплементарен план на ИПИ 2021-2027, во завршна фаза на подготовка е и Планот за финансирање на растот, со кој се отвораат сите можности за привлекување на приватниот капитал, комбинација на јавни и приватни инвестиции, преку создавање на законски можности за нивно спроведување, но и преку воведување на иновативни финансиски инструменти атрактивни за приватниот капитал. Она што следи сега е, прво, унапредување на регионалната трговска размена на стоки и услуги, како и движењето на луѓе, капитал и знаење, што претпоставува отстранување на сите постоечки бариери. Второ, неопходно е надградување и на процесот на дигитализација во државата, преку обезбедување на дигитални вештини, дигитална инфраструктура и дигитална безбедност. И потоа следи подобрување и на конкурентната способност на македонската економија, преку структурни промени низ „паметна специјализација“, подобрени вештини преку подобро образование, истражување и иновации и вклучување во постојните, како и креирање на нови индустриски вредносни вериги, истакна премиерот.
Меѓу учесниците на форумот се и премиерот на Албанија Еди Рама, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји кој ќе се обрати преку видео-конференциска врска, потоа вицепремиерите Никола Димитров и Фатмир Битиќи, министрите за финансии, Фатмир Бесими, за економија Крешник Бектеши, за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, за правда Бојан Маричиќ, гувернерката Анита Ангеловска Бежоска, министерката за финансии и економија на Албанија, Анила Денај, амбасадорите на САД, Велика Британија, Германија, Грција и Полска во Северна Македонија, првите луѓе во канцелариите на Светска банка и на ЕБРД во земјава, Масимилијано Паолучи и Анди Аранитаси, како и домашни стопанственици, универзитетски професори и новинари, гости од Словенија, Србија итн.