Не ми паѓа на памет да дадам оставка, ниту да барам оставка од најекспонираниот министер во моментот, министерот за здравство Венко Филипче, изјави денеска премиерот Зоран Заев и најави дека чекаат месецов да стигнат уште вакцини.
Заев очекува во текот на овој месец во земјава да стигнат околу 300 илјади вакцини од различни производители и процесот на масона вакцинација да тече непречено.
-Очекуваме во текот на април да пристигнат повеќе од 300 илјади вакцини. Очекуваме да стигнат првите вакцини од од 651-та илјада од Европската унија наменети за Западен Балкан, од кои за нашата земја се 100 илјади. Се надевам дека следните денови или следната седмица ќе стигнат 20 – 25 илјади од нив, бидејќи неколку пати напоменуваме дека не зависи тоа од нас туку и од испорачателот, рече Заев.
Тој вели дека се очекува да пристигне и првата пратка од вакцините од Фајзер, со кој, државата има договор за 800 илјади вакцини, како и втората пратка преку Ковакс механизмот која исто така треба да пристигне во тек на овој месец. Според Заев, се очекува да стигнат и 200 илјади кинески вакцини планирани за овој месец, како и значителна количина од Спутник В, за кои има договор за 200 илјади дози.
Како што истакна премиерот, недостигот на вакцини предизикува проблем и во Германија, Америка, Кина Русија и секаде во светот, и поради тоа не може да се бара одговорност за недостиг на вакцини во земјава.
фото: Архива