Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска одржа прес-конференција на која ги презентираше проектите и програмите од владината „Акција 21 – за европски стандарди дома!” за 2021 година.
Без разлика што ЕУ испрати лош сигнал за проширувањето, сите ние, и како држава, и како Влада, и како народ, остануваме посветени на истиот стратешки колосек. Нема отстапување од стремежите за остварување на стратешките цели кои се поставени едногласно и кои секогаш уживале широка поддршка: Постигнување и одржување на добрососедски односи, активно учество во алијансата како членка во НАТО и непоколеблива посветеност кон членството во ЕУ.
Дома, нема да дозволиме неуспехот на ЕУ со неодобрувањето на преговарачката рамка, да предизвика застој во внатрешните реформи. Напротив, со уште повеќе верба, посветеност и единство, ќе се посветиме на градењето европски стандарди дома.
Испорачавме полноправно членство во НАТО, ќе ја придвижиме земјата и кон ЕУ, со заштитен македонски идентитет и македонски јазик! Ќе продолжиме со реформите со уште посилен интензитет, истакна Заев.
Премиерот додаде дека ги повикува на обврска сите владини функционери и службеници да продолжат да даваат максимум на целите кои ги утврдивме како највисок интерес на граѓаните и за кои добивме мандат да ги реализираме. Ве повикувам и вас почитувани граѓани, приклучете се, дајте максимум сега, кога сме најподготвени да си го направиме животот дома подобар и поубав.
-Во финалето сме на длабоките и суштински реформи во правосудството преку ефикасно и објективно прочистување на судството и обвинителството. Стигнавме до тука после тешка битка со противниците на правдата. За некои од нив, за Мицкоски на пример, во неколку наврати јавно чувме дека се единствени на браникот на криминалот – го знаевме тоа, затоа беа против Законот за јавно обвинителство кој како владејачко мнозинство го донесовме во Собранието.
Како резултат на тој закон, предметите за висока корупција се живи и тие добиваат и ќе добиваат судски разрешници. Високи функционери, министри, веќе издржуваат затворски казни за тешки кривични дела. Изминатава година од страна на Судскиот совет биле покренати 80тина предмети, а осум судии биле разрешени. Процесите се почнати, нема назад. Моделот за прочистување или филтрација, е во завршна фаза. На него работеа првенствено претставници на Судскиот совет, на Советот на јавни обвинители, со поддршка на академската јавност и тие ќе бидат тие што ќе го усвојат моделот што сами го креираат и што ќе го спроведуваат.
Ќе се ревидираат цели досиеја. Секој судија ќе биде оценуван. Ќе има листа на критериуми кои ќе се прегледуваат за сите судии: Како воделе постапка, како изведувале докази, како се сослушувани сведоци и особено во врска со одредени постапувања по предмети кои беа доведени до застареност со одлагање. Сите тие работи ќе ги поминува Судскиот совет или Советот на јавните обвинители и сето тоа во утврдена временска рамка и транспарентност, истакна Заев.
Според премиерот ќе се иницира носење законски измени врз основа на кои Јавното обвинителство ќе мора редовно и постојано да ја информира јавноста за својата работа и за напредокот во предметите кои ги следат граѓаните и за коишто постои посебен јавен интерес.
Тука пред сѐ мислам на предметите од организиран криминал и корупција, како и други предмети од јавен интерес.
Целиот процес ќе оди во фази и постепено, ама ќе се проверат сите.
Во оваа активност е вклучена и проверка на имотната состојба на судиите и обвинителите од страна на Државната комисија за спречување на корупција.
Паралелно на овој процес, на почетокот на наредната година, најдоцна на пролет, се очекува да започне и ЕУ мониторингот на судските случаи од висок профил, околу 50 предмети годишно, во кој ќе учествуваат стручни лица од странство и домашните експерти ангажирани од ЕУ и ОБСЕ.
Ние сме прва држава во регионот која од Европската Унија побара веднаш да ја стартува иницијативата за мониторинг на судските предмети врзани за високата корупција. И тоа никако нема да зависи од стартот на преговорите со ЕУ, истакна Заев.
Премиерот вели дека ги носиме најдобрите европски стандарди и практики дома.
-Вториот приоритет е борбата против корупција, преку воспоставување јасни механизми за интензивна соработка меѓу сите надлежни чинители, преку силна политичка волја и преку мотивација на секој граѓанин, на сите нас, да се ангажираме во искоренувањето на оваа девијантна појава, којашто го враќа општеството назад. Го намаливме бројот на министри и формиравме ефикасна, отворена и одговорна Влада, подготвена да работи и да сработи посветено, исклучиво во интерес на граѓаните и државата.
-Како одговорни политичари, но пред сѐ како граѓани, се обврзуваме на силна, бескомпромисна борба за заштита на животната средина и најавувам засилен ангажман во акцијата за чиста и здрава животна средна, како приоритет број 3 од иницијативата Европски стандарди дома.
За 2021 година во Програмата за намалување на аерозагадувањето се предвидени 100 милиони денари за објекти за општините за замена на нееколошки системи за греење, зголемување на енергетската ефикасност, обновување на урбаното зеленило.
До 20 пати ги зголемивме казните за прекршоци во животната средина и воведовме 24/7 контрола на Државниот инспекторат за животна средина и локалните инспекторати, а преку вмрежување со локалните капацитети ги зајакнавме и нивните ингеренции. Првите резултати ги очекуваме уште во првото тромесечје од 2021 година, истакна Заев.
Премиерот се осврна и на ковир кризата, предизвиката од корона вирусот.
-Имаме уплата за 833.000 вакцини за популација од околу 400.000 граѓани за вакцина и ревакцинација во рамки на Ковакс механизмот.
Согласно планот за дистрибуција вакцините се очекуваат во првите месеци од 2021.
Покрај овој механизам, започнавме преговори и за директна набавка од компаниите кои ги произведуваат вакцините.
Предвиден е и трет механизам преку Европската унија која е во постапка за набавка на 200 милиони вакцини за земјите членки и за уште дополнителни 100 милиони дози за земјите од Европа надвор од Унијата. Ние аплициравме за дополнителни 800.000 дози од овие 100 милиони.
Се подготвуваме и набавуваме фрижидери за секој тип вакцини и за сите температури. Ова е така бидејќи ќе има повеќе достапни вакцини кои сигурно ќе ги користиме, а се складираат на различна температура.
Порачувам до секој наш граѓанин – и во 2021 ќе продолжи државната економска помош за сите кои се соочуваат со штети како резултат на пандемијата – државата е во добра финансиска кондиција и ќе биде тука за секого. Ќе помогнеме да исплаќаат плати, да се зачуваат и да се отвораат нови работни места, ќе ги поддржиме фирмите да ги трансформираат своите дејности – тоа е новата реалност, тоа е новата македонска економија.
Во исто време, апелирам силно, да останеме внимателни и најдисциплинирано да се придржуваме до активните мерки, истакна Заев.
Што се однесува до лиценците за производство за канабис, премиерот рече:
-Во Северна Македонија досега се одобрени 59 лиценци за оваа дејност и сакам да истакнам дека Владата е во комуникација со претставниците на компаниите со цел оваа индустриска гранка да се развива согласно светските текови и европските регулативи. Во европските и светските пазари имаме стотици исклучително важни лекови кои се решение за здравјето на многу граѓани.
Маслата од канабис и другите продукти, влијаат позитивно на многу симптоми на болести како што се мултиплекс склероза, ХИВ, Паркинсонова болест, епилепсија и други малигни заболувања.
Тоа отвора огромни потенцијали и пазари, верувам дека во таа насока Парламентот е подготвен да ги усвои предложените законски измени за кои што имавме одредено блокирање во изминатиот период. Со донесување на измени и дополнувања на Законот за опојни дроги ќе се овозможи извоз на цвет од канабис за медицински цели кои ќе поттикнат нови инвестиции, развој и нови работни места, истакна Заев.
Заев продолжи дека 2021 е година и на новата македонска енергетика!
-Темелно ги следиме трендовите и политиките на ЕУ во поглед на енергетската транзиција и целта до 2050 година европскиот континент да има нула емисии од секторот енергетика. Ние сме дел од Европа, така и се однесуваме – одлучно се движиме кон енергетската транзиција.
За новата енергетска иднина имаме и огромна поддршка од нашите партнери ЕУ, НАТО и САД, кои преку своите фондови и развојни агенции пружаат огромна поддршка.
Во 2021 година очекуваме реализација на проект со кој термоелектраната Осломеј ќе се замени со фотонапонска електрана. На местото на стариот рудник во РЕК Осломеј сега се градат капацитети за 10 мегавати, а ќе се изградат уште две фотонапонски електрани од по 50 MW. Проценетата инвестиција е околу 60 милиони евра.
АД ТЕЦ Неготино распиша оглас за изработка на Физибилити студија и во првата половина на 2021 ќе се оцени дали ќе се гради нова гасна електрана на истата локација по моделот на јавно приватно партнерство или ќе се продава АД ТЕЦ Неготино. Можната инвестиција е од 200 до 500 милиони евра со нови стотина мегавато зелена енергија
Дополнително обезбедени се грант средства за физибилити студии за три нови фотонапонски електрани со вкупен капацитет од 160 MW во РЕК Битола.
Во изминатата година успешно беа спроведени првите транспарентни постапки за доделување на премиум тарифи за изградба на фотонапонски електрани во вкупен инсталиран капацитет од 62,5 MW, од кои веќе неколку се пуштени во употреба. Во првиот квартал од 2021 ќе биде објавен нов тендер за дополнителни 60 MW фотонапонски електрани по истиот принцип. Инвестицијата е над 35 милиони евра.
Во текот на 2021 ќе започне изградбата на втората фаза од ветерниот парк Богданци 2, со кој ќе се зголеми инсталираната моќност на постојниот ветерен парк Богданци за 13.8 MW. Проценетата инвестиција е 21 милион евра, истакна Заев.
Што се однесува за инфраструктурата премиерот истакна:
-Започнува реализацијата и на нови ветерни паркови во Богданви, Св. Николе, Демир Капија и во Дебрца.
Идната година и официјално започнува проектот изградба на гасовод помеѓу Северна Македонија и Грција со кој ќе се обезбедат дополнителни количини на природен гас од други извори со конкурентна цена, со сигурност и безбедност во снабдувањето. Обезбедуваме гас од Азербејџан преку ТАП (Trans Adriatic Pipeline). Ова e клучен проект за енергетски – економски развој на Северна Македонија. Инвестицијата само за интерконекторот со Грција проценета на 50 милиони евра, од кои 10 милиони се грант од Инвестициската рамка за Западен Балкан.
Во фаза на проектирање е гасоводна врска со Косово и со овие два проекти, Северна Македонија ќе биде транзитна држава со природен гас и еден од главните играчи со природен во регионот.
Продолжува изградбата на магистралните гасоводи низ целата држава со засилено темпо. Идната година завршуваме со кракот до Битола, и до Тетово и Гостивар, а потоа продолжуваме со Гостивар – Кичево, Св. Николе – Велес, и делницата до Гевгелија и до ТЕЦ Неготино, и со заокружување на прстенот кон Охрид и Ресен до Битола.
Во 2021 година започнува втората фаза од тендерската постапка за избор на приватен партнер за изградба на дистрибутивната мрежа на природен гас во сите општини. Двете турски компании АКСА и ПАЛЕТ ИНСААТ се во втората фаза од натпреварот за стекнување на привилегијата за приватен партнер со проценета инвестиција од околу 300 милиони евра.
Штип и Крива Паланка се веќе подготвени, тие се првите македонски градови после Струмица и Куманово, со комплетирана проектна документација за секундарната мрежа, а во фаза на изработка е и документацијата за Прилеп, Битола и Тетово. 2021 ќе биде годината кога ќе започне изградбата на секундарната гасоводна мрежа во 10 македонски градови со што цевките за гас ќе стигнат до домаќинствата.
Веќе во јануари 2021 година ќе стигнат анализите и проценките за нашето учество во изградба и сопственост на Терминалот за течен природен гас во Александропулос и Гасната електрана Александропулос. Во текот на 2021 Владата ќе донесе соодветни одлука за инвестирањето во овие проекти, потенцираше премиерот и додаде:
-Градиме во енергетиката и градиме и се поврзуваме преку Коридорот 8 и преку другите капитални проекти.
Буџетот за 2021 година на Министерството за транспорт и врски е развоен и во него во најголем дел од проектираните средства или 83 проценти се наменети за капитални проекти. Со Буџетот планираме да обезбедиме високо ниво на реализација на капиталните инвестиции во делот на гасификацијата, железничката и комуналната инфраструктура како и за изградба на социјални станови.
Клучен капитален проект на кој ќе посветиме големо внимание е изградба на железницата на Коридор 8 во втората и третата фаза вредни 600 милиони евра.
Коридор 8 е главната артерија која и инфраструктурно ја поставува Северна Македонија како крстопат помеѓу соседите, а ги поврзува Црното со Јадранското море.
Само во северо-источниот и источниот регион реализираме инвестиции од над 80 милиони евра и интензивирана е изградбата на патната инфраструктура како никогаш досега.
За поквалитетен живот на граѓаните обезбедивме 937 милиони денари за изградба и реконструкција на канализации и водоводи во општините. За следната година веќе обезбедивме 615 милиони денари за изградба и санација на локални улици и патишта во општините, многу значаен проект за подобрување на урбаното живеење. Започнува изградбата на браната Отиња во Штип.
Што се однесува за одбраната од сајбер нападите, премиерот истакна дека е завршена процедурата за усогласување на Меморандум за соработка на нашето Министерство за одбрана со НАТО, на полето на сајбер одбраната и документот е подготвен за потпишување, што ќе овозможи координирана реакција на сојузниците во случај на сајбер напади.
-Европа дома значи подобар живот за секој македонски граѓанин, за секој еден човек што живее во нашата заедничка Северна Македонија, истакна Заев.