Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и пратеникот во Собранието на Република Северна Македонија, Самка Ибраимоски придружувани од министерот без ресор задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите во Република Северна Македонија, Музафер Бајрам денеска имаа свое обраќање на одбележувањето на Меѓународниот ден на Ромите – 8ми април.
На овој свечен настан министерот Бајрам за време на своето обраќање истакна дека од круцијална важност е имплементацијата на Националната Стратегија за Роми која ги опфаќа реалните потреби на Ромите во областите на образованието, домувањето, вработувањето и здравството и повика на уште повисока граѓанска свест и одговорност кон потребите на ромската заедница во нашето општество. Исто така додаде дека Владата на Република Северна Македонија, цели да постигне социјална кохезија и еднаков развој и е цврсто определена да гради инклузивно општество со што ќе овозможи целосна социјална интеграција и на Ромската заедница.

„Република Северна Македонија, како и целиот свет, на 8-ми април празнува и слави една уникатна традиција, верување и култура. Традицијата, верувањата и културата на Ромите, како значајна вредност во светското но и на македонското културно наследство. Првиот Светски конгрес на Ромите, одржан на 8 април 1990 година е еден од најважните историски датуми за ромската задница, затоа што со него Ромите добија своја химна и азбука, но и со него, на Ромите, им е загарантирано правото да бидат еднакви во општествата и да ги уживаат сите права, без дискриминација. За нас, за оваа Влада, целите на тој Конгрес, како и на Европската Платформа за вклученост на Ромите не се само обврска. Овие цели за еднакви права и достоинствен живот за сите, се пред сѐ желба, да изградиме инклузивно општество во Северна Македонија и инклузивна Европа, а се и искрена верба, дека тоа е патот до успешна, заедничка земја, дом за сите, интегрирана во Европската унија и НАТО.

Нашата определба да градиме и негуваме општество еднакво за сите, нашата цел да изградиме граѓанско општество, истовремено со почит кон социјалните, етничките, националните, верските и културните разлики - токму оваа цел е посебноста и суштината на нашето заедништво. Тоа заедништво што се градеше со векови, за нас претставува обврска за нашата заедничка иднина.
Меѓународниот ден на Ромите, 8 април, е и ден на граѓанската свест. Затоа, во ова мое поздравно обраќање сакам да повикам и на уште повисока граѓанска свест за потребите на граѓаните Роми во нашето заедничко општество!
И веќе ги направивме првите чекори кон решавањето на горливите проблеми со домувањето, поседувањето лични документи, малолетничките бракови, пристапот до вработувања, до здравствено осигурување, вклученоста на Ромите во културата и образованието, на што посветено работи Министерството за труд и социјална политика, во соработка со општините и со граѓанските организации, истакна премиерот во дел од својот говор.