Мандатарот Зоран Заев на денешната пленарна седница во Собранието за избор на новата влада своето обраќање го започна со тоа што увери дека се обврзува како премиер заедно со министрите, но и со граѓаните, дека ќе покажат и во наредниот мандат дека можат уште повеќе и уште подобро.
-Ова е мала Влада, посочи Заев, што ќе ја предводам и во која членуваат мотивирани и посветени личности, кои ќе работат на остварување на поставените цели во стратешки интерес на државата. Државата и целиот свет, посочи тој, се наоѓа во ситуација што се заканува на сите сегменти на живеење и со изборот на оваа влада го комплетираме системот што ќе работи за справување со последиците од корона кризата.
– На овие избори имавме историска можност со Беса да ја формираме коалицијата Можеме. Денеска таа програма усогласена и дополнета со нашите коалициони партнери ДУИ и ДПА е преточена во програма за работата на владата 2021 – 2024 година. Нова енергија во остварување економски раст, модерно образование и справување со пандемијата, изјави Заев. Покажавме, што значи да се спасуваат работни места и да се одржува стабилна економија и во време на пандемија, и ова, посочи Заев, е мотив да продолжиме да работиме да се вратиме на стапките на раст, зошто можеме.
– Се обврзуваме во време на криза минималната плата да ја задржиме на 14.500 денари и да ги помагаме граѓаниете и компаниите. По завршување на кризата Владата ќе се обврзе на 20 до 30 отсто раст на минималната и просечна плата. Наша цел е 20 илјади денари минимална плата до крај на мандатот. Во зависност од траењето на светската криза, се обрзуваме да оствариме раст од 4 посто, изјави Заев. Најави отворање разговор и носење со консензус одлука за даночната политика.
Заев се осврна и на новонастанатата состојба со пандемијата.
– Пандемијата покажа дека дигиталните услуги и дигитализацијата, не само што се потребни, туку се и неопходни. Токму во таа насока и ќе продолжиме. Ќе разгледаме неколку модели за реформи на администрацијата и намалување за 20 проценти со реорганизација, пензионирање и трансфер во приватниот сектор, изјави Заев. Најави дека следува целосно прочистување на судството и градење правна држава.
Тој вети реформи во правосудниот систем:
– Судиите за кои ќе се докаже дека свесно и намерно застарувале предмети ќе бидат разрешени. Предметите на СЈО ќе мора да добијат разрешница. Воспоставуваме систем за проверка на имот на сите функциониер. Силната заложба во борбата против корупцијата е и новиот министер за борба против корупцијата, изјави Заев. Откако влеговме во НАТО, нагласи Заев, ќе покажеме дека можеме и во ЕУ.
Мандаторот кажа дека новата Влада ќе продолжиме посветено да работи на добрососедските односи:
– Новата Влада е посветена на договорите од Преспа и со Бугарија, кои го овозможија тоа. Ќе продолжиме посветено да работиме на добрососедските односи. Ќе продолжиме и со Охридскиот рамковен договор, кој е основа на меѓуетничкиот соживот. Пред нас е период во кој како држава ќе добиме многу повеќе отколку што ќе дадеме. Се обврзуваме во следните четири години да отвориме 80 проценти од преговарачките поглавја, изјави Заев. Принципите и вредностите, посочи тој, на кои се заснова оваа програме се европските вредности.
– Се обврзуваме на силна и бескомпромисна борба за чист воздух и животна средина. Ќе вложуваме во обновливи извори на енергија. Ќе ги зајакнеме инспекциските служби и ќе ги зголемиме казните. Најважно од се, ќе спроведеме акции во кои секој ќе треба да се вклучи, изјави Заев.