Долготрајната изложеност на загадување на воздухот може да доведе до зголемување на ризикот од смрт од Ковид-19 во светот во просек за околу 15 проценти, покажува денеска објавено меѓународно истражување. Студија објавена во списанието „Кардиоваскјулар рисерч“ (Cardiovascular Research) се обидува да процени до кој степен загадувањето на воздухот, кое веќе предизвикува предвремена смрт, може да влијае на смртноста од Ковид-19.
Тој однос може да биде околу 19 проценти во Европа, 17 отсто во Северна Америка и околу 27 проценти во источна Азија, според професорот Џос Леливел од Институтот за хемија Макс Планк во Мајнц, Германија, објави Сител.
Долготрајната изложеност на загадување на воздухот придонесе за 29 отсто од смртните случаи од Ковид во Чешка, 27 отсто во Кина, 26 отсто во Германија, 22 отсто во Швајцарија, 21 отсто во Белгија, 19 отсто во Холандија, 18 отсто во Франција и 15 отсто во Италија, 14 проценти во Велика Британија, 12 проценти во Бразил, 11 проценти во Португалија, девет проценти во Шпанија, шест проценти во Израел, три проценти во Австралија и само еден процент во Нов Зеланд.
Истражувачите користеле претходни американски и кинески епидемиолошки податоци за загадувањето на воздухот и Ковид-19 и САРС од 2003 година, болести слични на новиот коронавирус. Во нивните пресметки, тие ги комбинираа со сателитски податоци за глобално изложување на мали честички на загадување (PM2, 5) и податоци од мрежи за следење на загадувањето на почвата.
Авторите не утврдуваат врска помеѓу директната причина и последиците од тоа загадување врз смртноста од Ковид-19.
Се чини дека загадувачките честички ја зголемуваат активноста на еден рецептор наречен ACE-2, кој се наоѓа на површината на клетката и учествува во начинот на кој Ковид-19 ги инфицира пациентите, велат истражувачите.