Тешка сообраќајна несреќа се случила синоќа на патот Дреново – Кавадарци, кога возило во кое се превезувале татко и син излетало од патот и паднало во бездна длабока 22 метри.
Иако тешко повредено и пригмечено, осум-годишното дете успеало да се јави на 112, телефонскиот број за итни случаи, и да побара помош, додека неговиот татко бил во кома. Во постојана телефонска комуникација со пожарникарите кои се упатиле да го лоцираат возилото, но и со градоначалникот Митко Јанчев, кој веднаш штом слушнал за настанот тргнал со нив, по исцрпна потрага, возилото било забележано.
„Автомобил во кој се наоѓале татко и син излетал 22 метри од патот. Случајот го пријавил детето кое има само 8 години, и кое и покрај повредите успеало да се јави на 112 и да побара помош за себе и својот татко.
Благодарение на пожарникарите во постојана комуникација со детето, колата е пронајдена а двајцата со тешки повреди од Општа Болница Кавадарци се пренесени во Скопје. Браво за нашиот мал херој кој и покрај повредите успеал да се јави и да побара помош. Со зборовите ,,гледам само темница, заглавен сум, се ме боли.. а татко ми не дише’’.
Се молиме за нив“, објави градоначалникот Митко Јанчев на својот официјален профил на Фејсбук