Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кочани денеска го започна увидот по големиот пожар во фабриката „Макпрогрес-Винчини“ во Виница. Од Обвинителството соопштуваат дека увидните активности ќе продолжат и во наредните денови, затоа што во дел од магацините за суровини и готови производи сè уште има жаришта кои тлеат.

Во близина на плинската станица, која не беше зафатена од огнот, поставени се противпожарни возила за превентивна заштита. Утре на увид ќе присуствува и вешто лице – електроинженер, а во меѓувреме се обезбедени снимки од видео надзор и се преземаат други дејствија за испитување на причините за пожарот.

На увидот беа направени и бројни фотографии кои ја прикажуваат состојбата во објектот и опожарените магацини, а тие ќе бидат дел од доказниот материјал и воедно ја доловуваат тежината на настанот.
