Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави дека Германија треба да се насочи кон прашањата на заедничката европска безбедност, наместо, како што рече, да ги троши „последните ресурси“ на милитаризација на Украина.
На прес-конференција, Захарова оцени дека Берлин не треба да се занимава со „користење на украинските граѓани како топовско месо“ и со нивно третирање како „алатка“, посочувајќи дека Европа, според неа, има потреба од безбедност што ќе биде „заедничка, неделива и вистинска“, како и од излез на ЕУ, односно Западна Европа, од актуелната криза.
Таа ги поврза своите коментари со изјавите на германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој претходно посочи дека Украина ќе мора да направи територијални отстапки за да се обезбеди мировен договор со Русија и за да напредува на патот кон членство во Европската унија.
Захарова, исто така, тврдеше дека германските граѓани биле вовлечени во уште еден „експеримент“ што ја носи Германија во судир со Русија, при што Украина, според неа, се користи како оружје. „Дали ова им е потребно на германските граѓани? Но никој не ги праша“, порача таа.
Во продолжение, Захарова изнесе оценка дека ваквиот пристап довел до сериозни последици за Германија, наведувајќи „колапс на индустријата, економијата, науката и бизнисот“.
Германскиот канцелар Мерц, покрај темата за можни територијални отстапки, изјави и дека јануари 2028 година не е реален рок за пристапување на Украина во ЕУ.