Пишува: Никола Здравковиќ, новинар
Господине претседателе,
Во претседателското предизборие, гледајќи Ве во една ТВ емисија, бев доста пријатно изненаден од Вашето познавање на НБА лигата. Но од пред неколку дена, не можам да се оттргнам од впечатокот дека со омекнувањето на судењето во НБА лигата во смисол на толерирање на т.н. “чекори“, и Вие го имате прифатено тоа омекнување, па тие “чекори“ можеме да ги сретнеме во Вашата реторика.
“Младите ги знаат сите српски турбо-фолк песни, а ниеден бугарски актер“, велите во едно скорешно интервју за еден бугарски медиум. И тука доаѓаме до “чекорите“. Нема да се занимавам со споредбата на политичко-историските односи со Белград и Софија, ќе се задржам на споменатата реченица од чисто културни причини.
1. Од кажаното, стекнуваме впечаток дека Вашата перцепција за “увозот“ од Србија е турбо-фолкот. Господине претседателе, од Србија “увезуваме“ и не мал број вистински уметници, и младите ги знаат баш, ама баш добро. Младите и тоа како ги знаат Београдски синдикат, Ѓорѓе Балашевиќ, Жељко Јоксимовиќ, Јелена Томашевиќ, Марчело, песните на Тома Здравковиќ...
2. Мислите ли дека младите во Македонија не ги знаат Азис, Гергана, Преслава, Анелија...? Дека не знаат што се Планет и Пајнер? Ако да, зошто мислите така? Сте ги прашале?
3. Споредувате турбо-фолк со актерство! Тоа е како јас да кажам “Претседателот е експерт за НБА, но нема поим од шкотски фудбал“. Едното со другото не се споредливи.
4. Кога веќе ги споменувате актерите и филмските студија. Младите ги знаат и српските актери, филмови и серии, господине претседателе. Знаат кој е Никола Којо, знаат кој е Драган Бјелогрлиќ, која е Милена Дравиќ, кој е Драган Николиќ, Небојша Глоговац... ги имаат гледано “Кога ќе се вратат штрковите“, “Небеска јадица“, “Хадерсфилд“, “Среќни луѓе“, а ја гледаат и најдобрата балканска серија во моментов “Сенки над Балканот“, во која играат и цела плејада македонски актери. Ги знаат Момо Капор, Душко Радовиќ, Мирослав Мика Антиќ... плус, ги знаат и тројцата српски ракометари кои учествуваа во првата европска титула на РК Вардар.
5. Зошто мислите дека младите не ги знаат бугарските филмови и актери, па и писатели? Ги имате ли прашано?
6. Да претпоставиме дека бугарските уметници навистина се запоставени. Сте се прашале ли зошто е тоа така? Зар им забранил некој? Можеби бугарските културни работници во Македонија затаиле, можеби пак си ја завршиле работата одлично а немало одзив, можеби пак претпоставката дека се запоставени воопшто и не е точна... можеби, можеби, можеби... се' е “можеби“, но еве прашајте ги за точно.
7. Господине претседателе, не можете да ја генерализирате младината. Секој е индивидуа за себе, и избира што ќе следи. Има такви што ќе ги слушаат Цеца и Преслава, но има и такви кои ќе отидат на концерт на Стефан Миленковиќ и на изложба на Ангел Ганев. Има такви кои ги знаат Сале Ѓорѓевиќ, Новак Ѓоковиќ (кој пред некој месец ја запеа “Македонско девојче“) и Христо Стоичков, но има и такви кои ни сопствените македонски празници и знаменити личности не си ги знаат. Секој САМ избира како ќе инвестира во себе.
8. Наместо да правите споредби младите колку знаат за српската и бугарската јавна сцена, искористете го своето влијание македонската младина прво и основно да ги запознае Крсте Петков Мисирков, Петре М. Андреевски, Лазар Личеноски... дури и во најскромните селски библиотеки да стигнат македонските автори, на плоштадите да “царуваат“ македонските уметници. Без тоа, критиката кон (не)познавањето на српската/бугарската јавна сцена е само промашен шут за победа.
П.С. Како познавач на НБА, верувам ќе воочите дека ова се 8 “чекори“. Во кошарката, нешто неприфатливо, но нешто кое знае да им се “поткрадне“ на денешните играчи. А како сведок на онаа подостарена НБА со Мајкл Џордан, Тим Данкан, Хаким Олајџувон, Џон Старкс... верувам споредбата ќе Ве доведе до тоа колку било добро без тие 6,7,8 “чекори“.
Топол и срдечен српски НЕтурбофолкерски поздрав на македонски јазик!