Кремљ го отфрли предлогот на украинскиот претседател Володимир Зеленски за директна средба со рускиот претседател Владимир Путин на маргините на самитот на Г20 во Мајами, оценувајќи дека таквата можност е „невозможна“.
Зеленски претходно изјави дека е подготвен да отпатува на самитот на Г20 во САД и таму да разговара со Путин доколку и рускиот претседател присуствува на собирот.
Одговорот од Москва стигна преку портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. Тој рече дека Путин е подготвен да разговара со Зеленски, но дека Москва како место за евентуалната средба го нуди рускиот главен град.
„Постои подготвеност за средба со него во Москва“, изјави Песков на прашањето дали Кремљ разгледува друга локација.
Засега нема официјална потврда дека Путин воопшто ќе учествува на самитот на Г20, кој треба да се одржи во декември.
Зеленски, пак, во интервју за германски новинари порача дека е подготвен за директни разговори доколку двајцата лидери добијат покана за самитот.
„Мора да дојдеме. Мора да се сретнеме, да разговараме и да носиме одлуки. Не станува збор за зборови, не е важно што јас ќе му кажам нему или што тој ќе ми каже мене“, рече Зеленски, нагласувајќи дека најважни се „резултатите“.
Украинскиот претседател оценил и дека позицијата на Украина на бојното поле сега е значително посилна отколку пред една година, поради што Киев смета дека постојат подобри услови за почеток на преговори.
Украина во изминатите години повеќепати предлагаше директна средба меѓу Зеленски и Путин на неутрален терен. Москва досега инсистираше евентуалната средба да се одржи во рускиот главен град.
Во дипломатските напори за прекин на војната е вклучен и Вашингтон. Американските претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер минатиот викенд ги посетија Москва и Киев, додека САД продолжуваат да се залагаат за директни руско-украински преговори.
Кушнер, според објавените информации, во саботата преку видеоврска се обратил и на безбедносниот форум YES во Киев, каде што прашањето за територијата повторно било во центарот на разговорите за можен договор.
Кремљ на 7 септември оцени дека сè уште е „прерано“ да се зборува за конкретен датум и место за средба на двајцата претседатели.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, пак, претходно го нарече повикот Зеленски да дојде во Москва „гест на добра волја“. Тој тврди дека Русија останува отворена за разговори, но истовремено порача дека Москва нема да ги прекине воените операции додека траат преговорите.