Во собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците започна јавната расправа по предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, поднесен од пратеници на ВМРО-ДПМНЕ. Расправата предизвика значителен интерес во стручната јавност, а за збор се пријавија 13 учесници од областа на правосудството, меѓу кои адвокати, универзитетски професори, истакнати правници и претставници на невладиниот сектор.
Најголемиот дел од забелешките беа насочени кон членот 353 од Кривичниот законик, кој се однесува на злоупотребата на службената положба и овластување, особено во контекст на измените од 2023 година, за кои дел од стручната јавност смета дека довеле до фактичка амнестија на функционери. Критики беа упатени и кон делот од измените поврзани со кривичните дела што произлегуваат од имплементацијата на Сејф сити системот.
Професорката на Правниот факултет и поранешна потпретседателка на СДСМ, Ана Чупеска, оцени дека предложените измени претставуваат „правна козметика“ и инструмент на политичка моќ, насочен кон заштита на политичките елити. Според неа, преку јазични формулации и субсидијарни клаузули се овозможува свесно амнестирање на службени злоупотреби.
Од друга страна, адвокатката Ружица Николовска изрази став дека измените во членот 353 се во позитивна насока, бидејќи се проширува опфатот на делото со искористување на службената положба или овластување, а воедно се предвидува и заострување на казнената политика преку зголемување на санкциите.
Адвокатот Звонко Давидовиќ оцени дека законскиот текст е недоволно доработен и содржи сериозни недоследности. Тој посочи дека во членот 353 не е предвидено задолжително одземање на имотната корист стекната со кривичното дело, а проблеми гледа и во одредбите поврзани со Сејф сити системот. Како пример, Давидовиќ нагласи дека се предвидува одземање возило за пречекорување на брзината од 50 или 70 километри на час, но не и за управување со 1,5 промили алкохол или под дејство на дроги, што, според него, претставува сериозен пропуст во безбедносната логика на законот.
Според образложението на предлагачите, измените на Кривичниот законик имаат за цел отстранување на слабостите во постојните одредби и усогласување со Решението на Уставниот суд од 12 февруари 2025 година. Како што беше посочено, тенденцијата на предложените законски измени е унапредување на законските битија и заострување на казнената политика, особено за кривичните дела „Злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353 и „Злосторничко здружување“ од член 394.
Јавната расправа продолжува, а изнесените забелешки и предлози треба да послужат како основа за евентуални доработки на законскиот текст пред неговото понатамошно парламентарно разгледување.