Љубителите на зимските услови и снежните пејзажи во поголемиот дел од Европа можеби ќе имаат помалку причини за радост оваа зима. Првичните долгорочни прогнози покажуваат тенденција кон количества снег под просекот на поголемиот дел од континентот, додека делови од САД би можеле да имаат значително поснежна зима.
Според анализата на „Severe Weather Europe“, моделите на ECMWF и британската метеоролошка служба UKMO укажуваат на можноста за ваков развој. Како еден од главните фактори се издвојува силниот Ел Нињо, односно затоплувањето на површинските води во тропскиот Тихи Океан.
Температурните отстапувања на морската површина во источниот тропски Пацифик веќе се изразени, а според анализата постои можност дополнително да се засилат кон крајот на есента и почетокот на зимата. Ел Нињо не го одредува директно времето во конкретен град, но може да влијае врз положбата и јачината на млазниот тек, воздушниот притисок и патеките по кои се движат циклоните.
Сезонскиот модел на ECMWF покажува дека поголем дел од Европа би можел да има помалку снег од долгорочниот просек. Исклучок би можеле да бидат северните и североисточните делови на континентот, како и повисоките планински предели.
Во Европа би можел да преовладува поблаг западен до југозападен воздушен тек од Атлантикот, кој носи влага, но и повисоки температури во низинските предели. Според прогнозата, помалку снег се очекува уште во декември, додека најизразен недостиг би можел да има во февруари, особено во централна, западна и јужна Европа.
Условите би можеле да бидат поповолни за скијачите на повисоките делови од Алпите. На надморска височина од 1.800 до 2.000 метри и повеќе се очекуваат подобри услови за природен снег.
Во Северна Америка, пак, прогнозите укажуваат на поголема веројатност за снежни врнежи во централните, источните и југозападните делови на САД. Декември би можел да биде поумерен, додека потенцијалот за снег значително би се зголемил во јануари и февруари.
Сепак, долгорочните сезонски прогнози треба да се толкуваат со претпазливост. Тие покажуваат општи климатски трендови, а не можат да предвидат конкретен ден или период со снег. Ако се прогнозира количество снег под просекот, тоа значи дека вкупната количина во текот на сезоната би можела да биде помала од повеќегодишниот просек, а не дека во текот на целата зима нема да има снежни врнежи.